Австриецот Доминик Тим е задоволен од неговата игра во првото коло на Австралија опен, иако смета дека терените се премногу брзи. Тој прикажа одлична игра против Михаил Кукушкин, па оствари убедлива победа од 3-0 во сетови (7-6, 6-2, 6-3). Со оваа победа Тим ја потврди својата форма, па најави дека со ваква супериорност ќе продолжи и на останатите натпревари од турнирот во Мелбурн, за кои има високи очекувања.
По натпреварот Доминик даде изјава за медиумите, а зборуваше за неговиот противник и воопшто за целата организација на овој турнир.
„Ми требаше време да се навикнам. Интересно беше затоа што никогаш не играв против Кукушкин, не се случува често да играм со некого првпат. Тој беше добар, првиот сет беше многу изедначен. Тогаш беше прекинат натпреварот “, објасни Тим.
Австриецот зборуваше за подлогата на теренот, па потврди дека брзината на топчето е поголема од вообичаено.
„Ми се допаѓа кога имам време, а тоа не е случај кога површината е толку брза. Како и да е, морам да се навикнам. Тоа е тенис, мора да се навикнеме на различни услови“, изјави Доминик.
На крајот, Тим даде свое мислење и за отсуството на линиските судии.
„Искрено, ми се допаѓа. Никој не треба да се навреди, но нема грешки во технологијата. Тоа е перфектно. Кога ќе слушнеме дека е надвор, тоа навистина значи дека е надвор. Мислам дека ова е чекор во вистинската насока“, заклучи Тим.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

