Повредата што Лукас Окампос ја заработи на дуелот со Хетафе е многу сериозна и крилниот офанзивец ќе мора да отсуствува најмалку месец и половина од фудбалските терени. Окампос настрада при еден брутален старт за кој противничкиот дефанзивец доби директен црвен картон, а веднаш стана очигледно дека станува збор за нималку наивен прoблем со скочниот зглоб.
Според првичните информации, паузата ќе изнесува најмалку шест седмици, но не се исклучува можноста тренерот Лопетеги да не смета на Окампос и два месеци, дури и подолго.
„Станува збор за оштетување на лигаментите на зглобот на левата нога. Тој ќе мора да мирува извесен период бидејќи ногата му е имобилизирана, а потоа ќе може да почне со лесни тренинзи“ информираа од лекарскиот тим на Севилја.
Окампос ќе пропушти низа значајни натпревари во Ла Лига, како и двете осминафинални средби од Лигата на Шампионите против Борусија Дортмунд.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

