И покрај тоа што има првичен договор за преземање на ФК Вардар, Никола Илиевски – Џиџи старт на подготовките со „црвено-црните“ ќе има во моментот кога ќе се исполнат ветувањата на раководството за подмирување на дел од долговите кон фудбалерите, нешто кое се очекува да биде реализирано до среда.
Новонајавениот шеф на стручен штаб денеска имаше средба со раководството на клубот, но старт на подготовките не е прецизиран.
„Имаме начелен договор, но и јас деновиве ќе чекам одговор од раководството на клубот. Мора да бидат исполнети ветувањата кон фудбалерите за да се почне со подготовките, и да се види што ќе биде со деблокадата на сметката и отстранувањето на забраната за трансфери. Има најава за позитивна разврска, но ќе видиме наредниве денови. Јас сум тука, на располагање на Вардар, затоа што тоа сега му е потребно на тимот, и сите оние кои ги сакаат црвено-црните бои мора да дадеме се од себе ако е можно да се помогне на тимот“ – вели Илиевски во изјава за ЕКИПА.
Според најавите, во текот на утрешниот ден се очекува да биде комплетно подмирен долгот кон АДССДП, што ќе значи ослободување на сметката и можност да се подмират дел од долговите кон фудбалерите, затоа што ФК Вардар веќе доби дел од финансиските средства неопходни за активност наредниве месеци. Доколку сето тоа се реализира, од среда, на само четири дена пред старт на пролетниот дел од Првата македонска фудбалска лига, ќе има собир на фудбалерите за „експрес-подготовки“ за натпреварот со Пелистер на 14. февруари во Скопје.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

