Македонскиот ракометен суперлигаш, Пелистер го претстави најновото засилување, египетскиот голман Карим Хендави. Тој има 32 години, долго време е најдобар египетски голман и стандарден репрезентативец, а има и акумулирано искуство од настапи во Европа.
„Многу ми е драго што потпишав за Еурофарм Пелистер. Ова е значаен чекор за мене. Доаѓам во клуб со многу добри играчи, добар тренер, многу добар тим. Екипата е на одлично ниво и се надевам дека ќе помогнам. Ги познавам сите ракометари на Еурофарм Пелистер и знам дека македонската репрезентација е многу добра. Играв против Македонија уште во 2013 година во два пријателски натпревари. Ја знам историјата на репрезентацијата, имате добри пласмани на Европските шампионати. Ракометот во Македонија е популарен, многу луѓе сакаат ракомет и се надевам дека ќе уживам тука. Ќе биде тешко и интересно против Татабања. Ни требаат добри два натпревари да напредуваме на табелата и ќе се бориме за тоа да го оствариме“, изјави Хендави.
По искуството во Замалек, во шампионатот на Египет, Хендави мина две сезони во првакот на Турција, Бешикташ, а последен клуб за кој настапуваше е романската екипа Доброгеа Суд. Хендави доаѓа како слободен ракометар и ќе биде еден од ретките Африканци и само втор ракометар од Египет кој ќе го носи дресот на Еурофарм Пелистер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА