Рафаел Надал рутински ја мина првата пречка на Австралија Опен, совладувајќи го Ласло Џере од Србија со максимални 3-0 во сетови. Шпанскиот тенисер во последните денови се жалеше на болка во грбот, но денеска одигра на високо ниво, ниту за момент не дозволувајќи му на противникот да се понадева на сензација. Надал го доби првиот сет со 6-3, во вториот славеше со 6-4, за во третиот да триумфира со најубедливи 6-1, за пласман во втората рунда каде го очекува победникот од дуелот Троицки – Мох.
Давид Гофан беше елиминиран во првото коло од АО, откако белгискиот тенисер по голема битка загуби од Попирин. Белгиецот имаше водство од 2-1 во сетови, но Попирин ги доби наредните два со 7-6 и 6-3, обезбедувајќи пласман во следната рунда. Првата рунда во Мелбурн беше кобна и за Баутиста Агут, кој загуби од Албот со 1-3 во сетови.
Викторија Азаренка се пакува и може да си замине од Мелбурн по само еден одигран меч откако рано утрово загуби од Американката Пегула со 5-7, 4-6. Тинејџерката Коко Гауф рутински славеше над Тајхман од Швајцарија со 6-3, 6-2, а импресивен старт на овој гранслем турнир имаше Каролина Плишкова, која во првото коло триумфираше со 6-0, 6-2 над Паолини од Италија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

