Тренерот на Барселона, Роналд Куман, верува дека нема многу подобри тимови од неговата Барселона, истакнувајќи дека со голем оптимизам го пречекува дуелот со Пари Сен Жермен во Лигата на шампионите.
Првиот натпревар од осминафиналето помеѓу Барселона и ПСЖ ќе се одигра вечерва на „Ноу Камп“ во 21 часот, а Куман е оптимист дека Барса може да го земе скалпот на актуелниот европски вицепрвак.
„Возбудени сме од Лигата на шампионите. Не чека тежок дуел, ПСЖ е силен тим. Ние напредувавме, но тие се со исклучителен квалитет. Тие сигурно ќе се обидат да доминираат, да постигнат гол на гости. За нас е важно да ја зачуваме нашата мрежа. Не гледам дека другите тимови се многу подобри од Барселона. Имаме одличен тим, момците играат на високо ниво, можеме да победиме во секое време“ изјави Куман.
Францускиот гигант од Париз доаѓа без Нејмар, кој е надвор од терените поради повреда.
„Играчите како Нејмар, Меси, Роналдо треба да бидат заштитени. Тие ни овозможуваат да уживаме во оваа игра. Судиите треба да ги заштитат, иако ова е контактен спорт“, потенцира Роналд.
Во претходниот период често се зборуваше дека Меси може да ја продолжи кариерата во Париз, па на оваа тема се обрати и тренерот на Барса.
„Медиумите од Франција не вознемируваа со тие приказни, не знам ни дали тоа беше нивната намера, но ние немаме никакви грижи по тоа прашање. Меси е играч на Барселона и се надевам дека ќе остане овде “, заврши Куман.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

