Еурофарм Пелистер во вторник ќе го дочека данскиот ГОГ Гудме во натпревар од ракометната Лига на Европа. Тренерот на битолчани, Жељко Бабиќ вели дека по трите победи самодовербата е на големо ниво во тимот и покрај несреќата со повредите на Кушан и Мандалиниќ.
„Остваривме големи победи и тие се важни за позицијата и можноста да ја минеме групата, што би бил историски успех за клубот и за македонскиот ракомет. Секако дека сум задоволен, задоволни се сите во клубот, но имавме и таканаречени нус-појави, тешка повреда на Кушан и повреда на Мандалиниќ. Плативме висока цена, но на тоа не можевме да влијаеме, повредите се составен тел од спортот и можеме само да се надеваме дека ќе се вратат здрави во тимот и ќе придонесат за тимот. Победите над Татабања се за Кушан и искрено му посакувам да заздрави“, вели Бабиќ.
Тој вели дека тим кој во своите редови има дури четири светски шампиони мора да биде респектиран од нивна страна, но дека со голема борбеност и желба може да стигнат до поволен резултат.
„ГОГ Гудме во својот ростер има четири светски прваци и тоа говори за нивната снага како тим. Сакам да нагласам дека нашите играчи кои помалку играат ќе добијат шанса да ми покажат и мене, и себе и на цела Македонија колку вредат. Мора да веруваме дека можеме да го победиме ГОГ Гудме. И во овој состав со кој ќе настапиме мора да веруваме дека можеме да му се спротиставиме на Данците и натпреварот да заврши во наша полза. Основни фактори за успех на утрешниот натпревар се фанатична волја и фанатична верба во себе и во тимот. Ако ги имаме тие две работи имаме шанси во позитивен исход. Во спротивно, ако немаме волја, желба и борбеност, јасно е дека нашите шанси се многу помали. Направивме големи чекори кон осминафиналето, натпреварот доаѓа во вистински момент и се радувам на него и покрај проблемите во тимот. Мора да бидеме фанатици, на чело со мене, и да веруваме во победа“, заврши Бабиќ.
Натпреварот кој ќе се игра во арената „Боро Чурлевски“ во Битола е закажан за во вторник во 20:45 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА