Давид Алаба денеска на прес-конференција во Минхен ја потврди својата одлука на крајот од сезонава да си замине од редовите на Баерн. Австрискиот репрезентативец е член на баварскиот гигант од 2008 година, со години е стандарден првотимец во Баерн, но и покрај понудите да потпише нов договор тој сепак се реши да ги промени клупските бои.
Алаба досега има 415 настапи за Баерн, со овој клуб овои и две титули европски првак, но Австриецот обелодени дека му е потребен нов предизвик во кариерата.
„Донесов одлука дека ми е неопходен нов предизвик. Затоа, решив да го напуштам Баерн. Не ми беше лесна одлуката, овде сум веќе 13 години, Баерн е многу важен клуб за мене“, истакна 28-годишниот Алаба.
Бројни медиуми ширум Европа објавија дека тој е веќе договорен за преселба во Реал Мадрид, но Алаба ги демантираше овие информации.
„Не е тајна дека моите агенти преговараа со бројни врвни клубови ширум Европа. Сепак, не сум договорен ниту со Реал Мадрид ниту со било кој друг тим“, порача Алаба.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

