Суперталентот Станковски потпишува за Монца на Силвио Берлускони

Работнички успешно финишираше преговори за продажба на уште еден суперталентиран фудбалер. Откако Елиф Елмас беше продаден во Фенербахче, а Давид Тошевски замина во Ростов, дојде редот и Лука Станковски да направи трансфер во голема фудбалска земја. Италијанскиот второлигаш Монца е клубот каде Станковски ќе ја продолжи кариерата, откако беа договорени сите детали за младиот ас во текот на летово да се пресели на Апенинскиот полуостров.

Монца е клуб со кој раководи поранешниот газда на Милан, Силвио Берлускони, за него сезонава настапува Марио Балотели и оваа екипа се вбројува меѓу најсериозните кандидати за влез во елитното италијанско друштво. Токму Берлускони и неговиот соработник Адријано Галијани беа клучни фактори во преговорите за Станковски, за чии услуги се интересираа и Фенербахче, Наполи, Црвена Звезда, Динамо Загреб…

„Горди сме што може да објавиме дека еден од најталентираните македонски фудбалери Лука Станковски од јуни кариерата ќе ја продолжи во италијанскиот клуб Монца. Двата клуба ги договорија деталите за трансферот што треба да се реализира во летниот преоден рок. Можам да кажам дека имаше многу понуди за Лука Станковски, но донесовме заедничка одлука со фудбалерот и со неговите родители, Монца да биде идниот клуб, каде ќе продолжи да се развива и да се надградува. Среќни сме што Работнички успешно ја продолжува стратегијата за реализација на трансфери на млади и талентирани фудбалери во странство и горди што во еден исклучително тежок период на глобална пандемија на коронавирусот, Работнички оствари два трансфери, Давид Тошевски во Ростов и Лука Станковски во Монца“, изјави претседателот Драган Поповски за официјалната веб-страница на Работнички.

Лука Станковски до крајот на сезоната ќе го носи дресот на Работнички, а потоа ќе биде промовиран во редовите на Монца. Тој во првиот дел од сезоната постигна седум гола и беше четврти стрелец во првенството на Македонија.

Се вчитува...