Селекторот Александар Тодоров е свесен за квалитетите на денешниот противник, кој неслучајно има три победи на првите три одиграни средби во овие квалификации, две од нив против силната Русија. Италија како еден од домаќините на Евробаскет 2022 има автоматски пласман на овој шампионат, поради што селекторот Сакети во квалификациите им дава шанса на помладите кошаркари.
„Аѕурите“ дури и со „втор тим“ доминираа во досегашниот дел од квалификацискиот циклус, што им ја дава фаворитската улога и на денешниот меч со Маакедонија.
„Фактот дека се подмладени не треба да залаже никого, бидејќи веќе на сите им е јасно дека Италија и подмладена е исклучително силна и опасна репрезентација. Главна одлика им е брзината во играта, ќе мораме да внимаваме на нивниот главен организатор на играта, Марко Спису, кој има извонредна сезона во тимот на Сасари. Диктира исклучително брза игра на која никако не смееме да се навлечеме“, вели селекторот Александар Тодоров за ЕКИПА.
Во однос на претходниот „балон“ во Талин италијанскиот состав е дополнително ослабен со неиграњето на Витали и на Моретини, но моќниот колектив е најсилна карактеристика на „аѕурите“.
„Надворешните позиции им се најсилна страна на Италијанците. Покрај Спису, тука има неколку беспрекорни шутери. Ќе ги немаат Витали и Моретини, но Италија има бројни беспрекорни шутери кои никако не смеат да останат само при обидите од далечина. Ќе мораме да одиграме на највисоко ниво во одбраната ако сакаме да имаме шанса за триумф на овој натпревар. Што се однесува до нивната одбрана, забележливо е дека одлично преземаат при ситуациите „пик енд рол“, нешто на што работевме во изминатиот период“, порачува Тодоров.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА