Вардар во „невозможна мисија“ да го изненади Пик Сегед

Вардар вечерва му гостува на Пик Сегед (18.45 часот) во обид македонскиот првак да се одмазди за поразот што пред само неколку дена го претрпе на домашен терен од истиот ривал со 26-28. „Црвено-црните“ се во потрага по бодови со кои би се одлепиле на дното на табелата, но шансите за успех вечерва се минимални со оглед на разликата во квалитет, како и фактот дека Пик Сегед важи за исклучително силен тим кога настапува на домашен терен.

Унгарскиот вицепрвак имаше сериозни проблеми со коронавирусот во првиот дел од сезоната, но избраниците на Пастор сега влегуваат во топ-форма, па во последните четири кола од ЛШ забележаа три победи, губејќи само од фаворитот ПСЖ.

Згора на тоа, Вардар отпатува за Унгарија ослабен поради неиграњето на првиот голман Ристовски, а во тимот веќе го нема ниту десниот бек Вујин, кој незадоволен од малата минутажа побара раскин на договорот со „црвено-црните“.

„Мора да освоиме некој бод. Ќе одиме таму во подредена улога, тие се фаворити. Таму нема да биде како во Скопје, каде направивме грешки и загубивме. Таму би требало да биде малку полесно бидејќи одговорноста како домаќин е малку поголема. До победа би дошле преку одбраната и, можеби, ако поправиме некои ситни грешки, како промашени седмерци. Мислам дека квалитетот не ни е далеку од нивниот, мислам дека сме блиску до нив. Само да одиграме добро прво полувреме и добра одбрана и потоа ќе видиме, се може да се случи“, изјави францускиот голман Робин Кантегрел.

Се вчитува...