Вардар игра моќно, води со „плус два“ против Пик Сегед

Вардар игра одлично полувреме и заслужено има водство од 17-19 на гостувањето против Пик Сегед, беспрекорно издание во нападот на „црвено-црните“ предводени од Иван Чупиќ, кој маестрално се снаоѓа на позицијата десен бек.

Унгарскиот состав беше подобар само во почетните десет минути, Пик Сегед отвори со водство од 2-0, а Вардар првиот гол го постигна со пеналот на Чупиќ во 4. минута, по изнудениот пенал и исклучување од Гоце Георгиевски. „Вардарци“ добиваа на самодоверба како што одминуваше времето, по пеналот врз Стоилов и новиот седмерец на Чупиќ за првпат поведоа на мечот (6-7), по што го контролираа резултатот до самиот крај.

Хрватот одлично се снајде како бек, постигнувајќи голови, но и асистирајќи до соиграчите, а кога во серија одбрани влезе и голманот Кантегрел водството на Вардар се зголеми на три гола (14-17), за на одмор да замине со предност од два погодоци, 17-19.

Чупиќ со шест гола од исто толку обиди е главен играч на Вардар во првото полувреме од овој натпревар, одлично издание прикажува и Јотиќ (5/5 од поле), а по два гола постигнаа Дибиров, Георгиевски и Стоилов.

Се вчитува...