Ракометарите на Металург продолжуваат со пеколниот ритам на натпревари во Лигата на Европа, во која поранешниот македонски првак настапува значително ослабен по неколкуте заминувања на странски ракометари, но и позитивни играчи на Covid-19. Неполни 48 часа по враќањето од Полска и двомечот со Висла, „металурзите“ вечерва во 18 часот ќе го пречекаат тимот на Чеховски Медведи, за веќе утре да тргне на пат кон Австрија, каде во вторник ќе му гостува на составот на Фајверс.
Ова ќе биде втор меч во кратко време на Металург и Чеховски Медведи, откако рускиот состав славеше на првата средба на домашен терен со 40-27. „Металурзите“ ќе бидат значително засилени во однос на тој меч со оглед на фактот дека во тимот се враќа Тарабокија, а вториот меч за македонскиот тим ќе го одигра и Калуѓеровиќ, кој дебитираше на втората средба со Висла.
Уште еден плус за тренерот Димитриоски е можното враќање на Златко Хорват, кој не настапи против Висла, но се очекува да биде во составот денеска против Чеховсски Медведи, но и потоа на дуелот со Фајверс.
„Металурзите“ не кријат дека резултатот не е во преден план сезонава во Лигата на Европа, но се надеваат дека искуството од квалитетни натпревари ќе биде драгоцено за младите ракометари час поскоро да созреат. Сепак, за очекување е денеска да проследиме далеку подобро издание од она во Русија, како потврда дека Металург во комплетен состав може да игра на високо ниво, како подготовка за плејофот во домашниот шампионат што ќе стартува следниот месец.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА