Македонските скијачки клубови, Ски Клуб Полар, Сноуборд Клуб Полар, КОБНС Скии Рис Скопје, ФОКС Ски Клуб, К.Б.Н.Д Мирна Долина, ЗСР Клуб 28, Ски Школа Љуботен, Ски Клуб Шари Академи, АСК Скади Скопје, Ски Клуб Бистра – Гостивар го нападнаа раководството на Скијачката федерација на Македонија дека до Агенцијата за млади и спорт е доставена друга ранглиста за мерката Ваучери во спортот. Во соопштението тие наведуваат дека ваучер нема земено ниту најдобрата скијчка на Македонија, Јана Атанасовска.
Во продолжение во целост ви го пренесуваме соошштението.
„Спортисти во скијачки спортови и сноубординг со врвни меѓународни резултати се оштетени со распределба на ваучери по сомнителна листа на привременото раководство на Скијачката федерација на Македонија (СФМ). Комисијата за доделување на ваучери при СФМ изврши распределба согласно критериумите на Агенцијата за млади и спорт и оваа листа e јавно и транспарентно објавена на интернет страницата на СФМ. Разликите меѓу листата на СФМ и листата со резултати од распределбата на ваучерите од Агенцијата за млади и спорт упатувааат на сомнение дека листата доставена до Агенцијата за млади и спорт е променета од страна на СФМ, која во моментов е водена од нејзиниот потпретседател-потписник Васил Сокле.
Со ваквата распределба на ваучерите вистинските спортисти се оштетени, а ваучери добиваат клубови кои воопшто немаат никакви спортски активности. Клубовите кои на минатогодишното рангирање беа меѓу првите, сега се девалвирани за сметка на неактивни клубови. Така, на пример, клубот Спартак и клубот Работнички, иако немаат никакви активности, добиваат ваучери, за сметка на други клубови со млади спортисти кои активно работат и постигнуваат значајни резултати и кои се оштетени.
На листата на ваучери не се наоѓа Јана Атанасовска, една од нашите најдобри млади спортистки со врвни резултати на повеќе меѓународни натпревари. До почетокот на скијачката сезона 2020-2021 година, Атанасовска има освоено повеќе од 70 медали и пехари на различни меѓународни натпревари и ги исполнува сите критериуми да добие ваучер, но од непознати причини е тргната од листата. За да ги заштитиме младите спортисти кои работат со огромен ентузијазам и труд и заслужуваат поддршка од државата и од СФМ, веќе е поднесен приговор за ваквата распределба на ваучерите и известена е Агенцијата за млади и спорот.
Скандалозното доделување на ваучерите е последна од низата сомнителни активности во СФМ. Имено, по смртта на претходниот претседател, како овластено лице на СФМ во Централниот регистар на Република Северна Македонија е впишан Васил Сокле во улога на „потпретседател-потписник“. Како основ за ваквото впишување е наведена постапка за избор на претставник на СФМ која е спроведена без знаење на клубовите и спротивно на постапката предвидена во Статутот на СФМ, за што клубовите и дел од членовите на Извршниот одбор на СФМ поднесоа соодветна пријава до Агенцијата за млади и спорт како надлежен орган.
Клубовите, кои со години се дел од СФМ и дадоа сериозен придонес кон нејзиниот развој и развојот на скијачките спортови во земјата, ќе продолжат да се залагаат за работење согласно Статутот на СФМ и согласно законите во земјата, бидејќи само така може да се оствари главната цел: развој на спортот и создавање услови за младите спортисти. За таа цел, клубовите кои се дел од иницијатива за расчистување на низа нетранспарентни активности во СФМ, настојуваат да се избере легитимно раководство на СФМ и да се расчистат сите сомнителни активности за да може оваа спортска федерација да работи согласно законите и целите за кои постои.
Целта на СФМ треба да биде обезбедување на солидни услови за развој на скијачките спортови и поддржување на младите во нивните напори за остварување врвни резултати. СФМ не треба и не смее да се користи за обезбедување на лични аспирации. Во интерес на младите спортисти и нивната посветеност за постигнување на врвни резултати, искрено се надеваме дека поднесениот приговор за распределба на ваучерите ќе биде разгледан и дека ќе се донесе правилна одлука“, стои во соопштението.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА