ЕКИПА во Виена,
Стеван Цаневски
Ракометарите на Металург вечерва (20.45 часот) му гостуваат на тимот на Фајверс во обид да стигнат до првата победа во Лигата на Европа. Првата средба меѓу овие два тима во Скопје заврши без победник (33-33), но „металурзите“ се надеваат дека во Виена ќе успеат да го изненадат домашниот состав.
Голем минус е неиграњето на Златко Хорват, како и на клучниот дефанзивец Велко Маркоски, но младиот Мартин Серафимов верува дека Металург и вака ослабен може да стигне до позитивен резултат во Виена.
„Штета што повторно не сме комплетни, но факт е дека со враќањето на Тарабокија нашата игра се крена на едно повисоко ниво. Против Чеховски Медведи имавме значаен напредок во играта, а очекувам тој тренд да продолжи и на дуелот со Фајверс. Тоа е тим составен од искусни ракометари, но верувам дека нашата желба за победа ќе биде поголема од нивното искуство и дека тоа ќе се покаже пресудно на вечерашниот натпревар“, вели Серафимов.
За „металурзите“ ова е продолжување на пеколното темпо на натпревари во Лигата на Европа, откако по двомечот со Висла во Полска следеше домашниот дуел со Чеховски Медведи, по кој веќе следниот ден се тргна на пат за Австрија.
„Не е прашање дали можеме, туку мораме да играме на високо ниво. Имаме огромна желба, да напредуваме од натпревар во натпревар и со самото тоа да се подготвуваме за домашното првенство. Се надевам дека сето тоа ќе заврши во најдобар ред, веќе надминавме бројни проблеми со изолации и со позитивни играчи, го оставаме тоа зад нас и очекувам да бидеме комплетни и во топ-форма за клучниот дел од сезоната“, оптимистички е расположен Мартин Серафимов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА