Џејкоб Вајли ја замени Гран Канарија за Сарагоса

Одличните игри на турнирот во Перм, беа одлична препорака за Џејкоб Вајли да направи одличен трансфер. Toj Гран Канарија ja замени со играње во уште еден член на „Ендеса“ лигата, екипата на Касадемонт Сарагоса.

Крилниот центар на нашиот национален тим имаше одлични настапи во Перм кои ги заокружи со просечни 16.поени, 7.5 скока и 1.3 асистенции за 32.минути поминати на теренот во Арената „Молот“.

„Точно е, го менувам клубот, но не ја менувам земјата. Продолжувам во најсилната лига во Европа. Но како играч на Сарагоса. Со мојата менаџерска агенција одлучивме дека во овој момент тоа е најдобриот потег. Да ја променам играчката средина“- потврдува нашиот репрезентативец.

Вели дека играњето за нашата репрезентација донело своевиден „препород“ во неговата кариера.

„Останува жал што не успеавме на тој последен натпревар да победиме со потребната разлика. Но ова беше големо, не… огромно искуство за мене кое досега го немав почувствувано во мојата кариера. Многу ми значат овие четири средби, бидејќи како што сте добро запознати, имав пауза од скоро два месеци. Овие мечеви во Перм беа своевиден ‘ресет’ во оваа сезона која ја продолжувам во Сарагоса. Видов дека следните мечеви со националниот тим се веќе во август. Ќе бидам максимално подготвен за тој нов предизвик“.

Ја одбрал Сарагоса поради желбата за успех во оваа сезона. Шпанскиот тим е дел од ФИБА Лигата на шампионите, а во овој момент е некаде на средина на табелата во „Ендеса“ лигата, со шанси да стигне до местата кои водат во плеј-офот.

„Сакам да играм натпревари на високо ниво, какви што беа овие во Русија, и на клупско ниво. Сарагоса игра во Лигата на Шампионите. Следуваат шест мечеви во втората фаза, и дуели со екипи како Бросе Бамберг, Динамо Сасари и Нимбурк. Мислам дека сме со добри шанси да одиме понатаму. Но за тоа по одигрувањето на шесте натпревари во групата. Сарагоса има шанси да биде и во плеј-офот од ‘Ендеса’ лигата. Тоа се моите наредни предизвици“.

По некој ден одмор, следува селидбата во Сарагоса. Интересно е дека веќе на 6. март во Сарагоса ќе гостува Хувентуд со Ненад Димитријевиќ?

„Не знаев, добро ќе се подготвам за тој меч. Нено, прекрасно момче, пред него е убава кариера. Имавме добро дружење во Перм, ќе го продолжиме и во Шпанија. Истото се однесува и за Теодор Симиќ. Жал ми е што не заигра во Русија, но се надевам, и му посакувам брзо да добие минути и во сениорскиот тим“- вели Вајли пред враќањето во Шпанија.

 

Се вчитува...