Претседателот на КФСМ, Перо Антиќ во изминатата година подлежи под вистински критики од кошаркарската јавност предводена од актуелниот шампион МЗТ Скопје. „Војната“ која што клубовите ја водат со првиот човек на македонската кошарка трае од крајот на претходната сезона во која не беше прогласен шампион, продолжи со одлагањето на почетокот на првенството во предвиденото време, а кулминираше со неуспехот репрезентацијата да се пласира на Европското првенство.
Антиќ во интервју за „Жешко столче“ проговоре за моменталната состојба во македонската кошарка, за предизвиците и проблемите со кои се соочува самиот тој, но и мак-баскетот. Како што вели претседателот на КФМ, кога работиш добро, не те допира ништо…
„Едноставно кога знаеш дека донесуваш правилни одлуки, за доброто на кошарката, а не за себе не те допира ништо. Ми фали тоа да се конфронтирам, расправам и објаснувам, тоа беше мое размислување порано, но не гледам во тоа добивка. Се работи за национален интерес за кошарката и сакаме да ги искористиме сите наши врски на најдобар можен начин за да се извадат нови кошаркари, нови млади. Одиме само напред и не ги гледаме негативните коментари поради тоа што тие имаат, колку што знам јас еден лајк, еден „шер“ и на луѓето им е преку глава веќе од тоа. Кај нас е „дежа-ву“, сите се тренери, сите се директори, се и сешто“ – изјави Антиќ.
Жестоките критики се осврнати и кон фаворизацијата, пред се на поранешниот клуб, Работнички, како клуб во кој претседателот на федерацијата имаше свои акции, Гостивар, но како што вели Антиќ тоа се само „кафански мубети“, а за спротивното говори делото.
„Нема никаква вистина дека сум ги заштитувал (Работнички и Гостивар). Едноставно кога е кошарката, јас сум фер, тимски играч, тоа го знаат сите за мене. Гостивар имаат суспендиран тренер на две години од мене, немаат ни никој во репрезентација. Работнички немаат никого во репрезентација, напротив сите се од МЗТ. Тие се квалитетни тренери и тие треба да бидат таму. Работнички да има квалитет и тие ќе бидат во националниот тим, Струмица, Битола било кој град кој што има клуб, нека биде и од Втора лига, ако се квалитетни треба да се таму, така треба да гледаме на работите“ – додава претседателот на кошаркарската федерација.
Антиќ е подготвен да возврати на сите предизвици, но како што вели, доколку клубовите сметаат дека има подобар, слободно нека го сменат.
„Четиригодишен е мандатот, но воопшто не ми е важно. Ако не им се допаѓа на работењето, условите нека донесат подобар слободно. Ниту сум врзан за таа функција, ниту било кој треба да биде врзан за функција. Треба да биде врзан за доброто на кошарката, ако не им годи јас ќе најдам нов предизвик. Тоа е најмал проблем. Со најпозитвно сеќавање би излегол од таму. Клубовите одлучуваат, здруженијата, па ако не им се допаѓа прв ќе си отидам“ – тврди Антиќ.
За разлика од претходните години, работата во македонската кошарка е на ниво погоре, младинските селекции полека излегуваат од „Б“ дивизијата и влегуваат во младинската „елита“, а со самото тоа ќе придонесе за подобра иднина.
„Има многу иднина во македонската кошарка, многу нови деца, многу таленти, но едноставно мора да се поправат многу работи на индивидуален план, пред се кај клубовите. Ние како федерација пробуваме да ги донесеме тие новитети за децата да останат во кошарката“ – продолжува поранешниот капитен на репрезентацијата.
Притоа поранешниот центар на бројни клубови меѓу кои и АЕК, Црвена Звезда, Спартак, Олимпијакос, Атланта и Фенербахче откри интересен факт за каде може да го видиме во иднина.
„Сега за сега не се гледам како тренер, немам нерви. Ваќа гледајќи од страна да, но сега сеуште се привикнувам дека не сум играч, уште ми се игра“
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА