Среќата му го врти грбот на Един Џеко оваа сезона, босанскиот голгетер конечно го надмина конфликтот со тренерот Фонсека и со гол се врати во стартниот тим против Брага, за веднаш потоа да заработи незгодна повреда.
Иако првичните прогнози велеа дека не станува збор за сериозен проблем деталните прегледи го покажаа спротивното, повредата на мускулот не е нималку наивна, па искусниот напаѓач ќе мора да отсуствува дваесетина дена од терените. Ова значи дека Џеко ќе го пропушти големото дерби со Милан закажано за викендов, потоа пресметките со Фиорентина и со Џенова, како и првиот меч од осминафиналето од Лигата на Европа против Шахтјор.
За очекување е шанса на овие натпревари од првата минута да добие Борха Мајорал, кој беше стартер на средбите додека траеше конфликтот меѓу Џеко и тренерот Фонсека.
Рома моментно се наоѓа на четвртото место на табелата со 44 бода, девет помалку од лидерот Интер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА