Младата репрезентација на Македонија ќе одигра пријателски натпревари со Словачка, Бугарија и со Казахстан на силниот интернационален турнир кој од 24. до 29. март ќе се одржи во Анталија, Турција.
На турнирот ќе учествува и младата селекција на Украина, но поради тоа што се наоѓаме во иста група во квалификациите за ЕП 2023, избраниците на Благоја Милевски нема да се соочат со Украинците.
„Повеќе од добредојдени квалитетни тестови за прв преглед на потенцијалот и квалитетите на новата генерација млади фудбалери“ – вели селекторот Благоја Милевски, кој останува на чело на репрезентацијата до 21 година откако неодамна го продолжи договорот со Фудбалската федерација на Македонија, сега со важност до август оваа година.
Македонската репрезентација претходно доби покана за учество и на силен меѓународен турнир со екипи од западна Европа во Марбеља, Шпанија, како еден вид признание за одличниот изминат квалификациски циклус на националите, но учеството мораше да биде одбиено од технички причини, поради шпанските регулативи за здравствена заштита поради пандемијата на Ковид-19.
Првиот натпревар во новиот квалификациски циклус Македонија го игра на 2. септември, на гостински терен против Франција.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА