Златан Ибрахимовиќ сигурно зажали што пред неколку дена го „пецна“ Леброн Џејмс критикувајќи ја кошаркарската суперѕвезда што често говори на политички теми, порачувајќи му дека е најдобро да се занимава со она што најдобро го знае – спортот. Голгетерот на Милан смета дека спортистите не треба да се мешаат во политиката, но Леброн не чекаше многу за да му возврати на фудбалскиот ас.
„Ѕвездата“ на ЛА Лејкерс по синоќешниот дуел со Портланд се осврна токму на критиките од поранешниот фудбалер на ЛА Галакси, јасно ставајќи до знаење дека воопшто не се согласува со Ибра и дека врвните спортисти треба да влијаат и врз јавниот живот.
„Можев и да премолчам, но сакам некои работи да станат јасни. Никогаш нема да молчам за работите за кои се залагам, за расизмот, за еднаквоста на луѓето, за мојата заедница. Јас сум свесен дека мојот глас допира подлабоко од гласот на многумина останати и затоа правам се што можам за да им помогнам на тие луѓе. Не постои начин само да играм кошарка и да молчам бидејќи тоа би било толку погрешно, да не се борите за луѓето крај вас“, истакна Леброн.
Потоа, асот на ЛА Лејкерс директно го обвини Ибрахимовиќ за лицемерие, потсетувајќи го дека тој самиот пред неколку години говорел на политички теми, притоа жалејќи се самиот дека чувствувал расизам во Шведска.
„Смешно е што сега тој кажува работи за мене, кога истиот тој човек, мислам дека беше во 2018 година, се жалеше како неговото презиме не било како останатите презимиња во Шведска, па се чувствувал како да бил расистички навредуван надвор од теренот. Дали го кажа тоа? Сигурен сум дека го кажал… Работата е што кога зборувате за мене, треба да знаете дека и јас сум подготвен да кажам некој збор или два за вас“, му порача Леброн на Златан.
Коментарот на Џејмс се однесува на изјавата на Ибрахимовиќ од пред три години, кога голгетерот се пожали на статусот во Шведска поради неговото презиме.
„Што прават шведските медиуми, ме напаѓаат само затоа што не можат да го прифатат моето презиме, што сум Ибрахимовиќ. Ако некој друг направи грешка како мене би го бранеле, но само затоа што сум ја во прашање е напаѓаат за се и сешто. Тоа е расизам, можеби не во класична смисла на зборот, но сигурно е скриен расизам. Ова е реално, ви гарантирам, се што ми се случува во Шведска не би ми се случувало ако се презивав Андерсон или Свенсон“, истакна тогаш Златан Ибрахимовиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА