Езгијан Алиоски е подготвен да си замине од Лидс Јунајтед на крајот од сезонава, откако не добил задоволителна понуда за да остане на „Иланд Роуд“ по истекот на актуелниот договор. Македонскиот репрезентативец во неколку наврати повторуваше дека е пресреќен во Лидс и сака да остане, тој ја има и поддршката на тренерот Марсело Биелса, но очигледно не и на раководството на клубот, чија понуда била далеку под очекувањата на Алиоски.
Британските медиуми тврдат дека Македонецот е незадоволен од она што му било понудено, по што им порачал на неговите агенти да ја почнат потрагата апо нов клуб. Тоа нема да биде никаков проблем, Алиоски е квалитетен играч од Премиер-лигата кој згора на тоа ќе биде достапен како слободен фудбалер, па откако ја донесе одлуката за заминување од Лидс тој сигурно ќе добие голем број на интересни понуди на својата адреса. Интерес за Алиоски во текот на јануарскиот преоден рок покажа Галатасарај, па турскиот гигант сигурно ќе биде еден од клубовите кои ќе испратат понуда и за летен трансфер на македонскиот интернационалец.
Езгијан Алиоски е член на Лидс од 2017 година, кога пристигна од редовите на Лугано. Сезонава тој настапи на 23 натпревари во Премиер-лигата за тимот на Марсело Биелса.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА