Вардар го претрпе првиот овосезонски пораз во СЕХА-лигата откако македонскиот шампион загуби на гостувањето во Украина против Мотор со убедливи 30-23. Очајниот старт на мечот беше причина за овој дебакл, а доколку „вардарци“ во минатото ги одликуваше карактер со кој успеваа да се вратат по поголеми негативи, тоа вечерва не беше случај, па убедливиот пораз беше само реална слика за случувањата на теренот.
Од самиот почеток стана јасно дека украинските ракометари многу повеќе ја посакуваат победата од „вардарци“. Тие со леснотија го наоѓаа патот до мрежата на Кантегрел, додека на спротивната страна Вардар дури во 11. минута го постигна својот прв гол на мечот, кога Дибиров реализираше за 6-1 за противникот. Мотор продолжи да доминира, Украинците за момент имаа и „плус осум“ во првото полувреме (13-5), за на одмор да се замине со водство на домашниот состав од 16-9. Вардар на почетокот од второто полувреме постигна два гола преку Димитриоски и Шеваљевиќ за 16-11, но тоа беше се што избраниците на Алушовски успеја да сторат бидејќи Мотор набрзина воспостави контрола над мечот, па во 41. минута стигна и до двоцифрена предност (23-13).
Победникот беше решен, а „вардарци“ не успеаја ниту позначително да ја намалат огромната негатива, на крајот губејќи го овој меч со убедливи 30-23.
Вардар и Мотор моментно се наоѓаат на делба на првото место во групата со по шест бода, со тоа што Украинците досега имаат одиграно само две средби, наспроти три на „црвено-црните“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА