Вардар направи голем чекор кон изборување на опстанок во Првата лига откако на домашен терен успеа да го совлада Кожув со 95-86, со што „црвено-црните“ им се реваншираа на „црвено-белите“ за поразот во првиот дел од сезоната. Гевгеличани на денешната средба не ги служеше шутот за три поени, а тоа го искористија домаќините преку добрата игра во противничкиот рекет и брзата транзиција.
Кожув беше расположен во нападот на отварањето на натпреварот па веќе по 10. минути игра поведе со 22-27. Вардар успеа да ги консолидира своите редови и заигра далеку подобро во одбраната каде до полувремето ги сведе гостите на само 15 постигнати поени и поведе со минимални 43-42 по 20. минути игра. Добриот моментум на „црвено-црните“ продолжи и во второто полувреме, па избраниците на Јованчев постојано ја зголемуваа предноста. Домаќините одолеаја на налетот на гостите пред крајот на третата четвртина, кога избраниците на Јончевски стигнаа на негатива од 65-61, па преку добрата игра во последната четвртина ја осигураа третата победа во сезоната.
Диксон Дикембе беше првото име кај вардарци со 20 поени и 13 скока, Дино Радош дополни 16 поени, додека со 15 поени и 5 скока натпреварот го заврши Дамјан Крстевски. Никола Силаџи беше најрасположен кај гостите со 32 поени и 12 скока, додека него го следеше Никола Станојевиќ со 14 поени и 7 скока.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА