Ливерпул ја прекина серијата слаби игри и четири порази во низа во Премиер-лигата откако вечерва славеше на гостувањето против Шефилд Јунајтед со 0-2. Избраниците на Клоп се мачеа да го најдат патот до мрежата на одличниот Рамсдејл, кој брилијантно бранеше во првото полувреме.
Фирмино не реализираше ситуација „еден на еден“ со голманот на Шефилд, по што Рамсдејл умешно ги одбрани и ударите на Салах, Александер Арнолд и Вајналдум, на одмор заминувајќи со резултат 0-0. Иницијативата на гостите вроди со плод на самиот почеток од второто полувреме, Александер Арнолд нафрли од десната страна, Фирмино одигра повратна топка за Куртис Џонс, а младиот играч за врска умешно ја смести во мрежата. На 0-2 зголеми Фирмино, кој по одличен соло продор со мала помош од еден од домашните дефанзивци го измами голманот на Шефилд и стави печат на победата.
Ливерпул имаше стопроцентна шанса и за трет гол, но Салах не успеа од идеална позиција од пет метри да ја смести топката во мрежата по одличното додавање на Робертсон.
Тимот на Јирген Клоп со оваа победа останува на шестото место, но сега има само два бода помалку во однос на четвртопласираниот Вест Хем.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА