Вообичаениот македонски циркус, кога е во прашање изборот на раководни лица во националните спортски федерации, си го доби и скијањето. Скијачката федерација на Македонија од денеска си има двајца претседатели. Нешто слично како македонското пливање, кое од поодамна си функционира со два сојузи и двајца претседатели. И, никој околу тоа не се оптоварува!?
Откако, на Изборно собрание на СФМ одржано на 2. март организирано од одреден број клубови за нов претседател беше избран поранешниот македонски олимпиец, Дејан Пановски, оние незадоволните на друго Вонредно собрание синоќа го избрале Огњан Циговски за претседател, а Јусуф Абдулаи за потпретседател на СФМ. Кој е сега легитимниот претседател во иднина ќе се убедуваат преку државните и меѓународните институции. А, скијањето секако ќе страда!
Пановски, како што информираа „неговите“, бил едногласно избран од страна на 13-те присутни клубови. За време на изборот бил присутен и Претседателот на македонски олимписки комитет Даниел Димовски, како и претставник од Агенцијата за млади и спорт. Мандатот на Дејан Пановски е во времетраење од една година, кога повторно ќе се оддржи нов избор во собранието на СФМ.
Циговски, па како што информираат „неговите“, бил избран со присуство и глас на 9 клубови од вкупно 17, според нив, со право на глас.
„Целиот свој работен век активно сум вклучен во создавање на услови за унапредување на скијачките спортови и на Скијачката федерација на Македонија. Таа треба да ги штити интересите на сите клубови и да има комплетна транспарентност во трошењето на државните средства, средствата од спонзорите и ФИС. Зимските спортови не заслужуваат да бидат на маргините. Затоа ќе се залагам во својот мандат да успееме да достигнеме инклузивност на зимските спортови и наместо елитистички да ги направиме достапни за секое дете кое сака да се занимава со овие спортови, но и за лицата со попреченост како и за секоја генерација на спортисти. Благодарен сум на довербата на скијачките клубови и посветено ќе се заложам за исполнување на овие цели“ – вели Циговски по изборот за претседател на СФМ.
А, како што соопштуваат избирачите на Циговски, Вонредното Собрание било закажано со поканите од 11.02.2021 година по иницијатива на повеќе од една третина клубовите на СФМ, значи пред редовното кое го закажа привременото раководство на СФМ.
„Покана за учество на Вонредното Собрание кое се одржа на 03.03.2021 година беше упатена до сите клубови членки на СФМ. Во интерес на спортот и изнаоѓање на заеднички јазик овие клубови присуствуваа на „редовното“ Собрание на 02.03.2021 година, но по обидот за незаконски избор на претседател надвор од Статутот, 12 клубови го напуштија ова Собрание, од кои 9 со право на глас бидејќи одбија да бидат дел од не статутарното работење наметнато од страна на претходното раководство предводено од Васил Сокле“ – информираат избирачите на Циговски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА