Лазаров со официјален старт на новата функција: Подготвен сум за новиот предизвик!

Најдобриот македонски ракометар на сите времиња, Кирил Лазаров со денешниот собир на стартот од подготовките за квалификацискиот двомеч за пласман на ЕП со Данска официјално ја почувствува селекторската функција.

„Ова е деби за мене како селектор на Македонија, и сигурно огромен предизвик. Но фокусот сигурно нема и не сакам да биде на мене, затоа што ни доаѓа двократниот светски шампион и олимписки шампион, селекцијата на Данска ни доаѓа, против која сакаме да се претставиме во едно ново лице. Кажав и претходно дека целта е да имаме на терен една модерна Македонија. Македонската публика не можеш да ја излажеш, ги знаеме недостатоците на тимот и мора да се корегираат. Ќе има промена на генерации, но мора да мислиме и на резултати и да продолжиме со континуитет на големите натпреварувања“ – истакна Лазаров пред македонските медиуми, притоа дополнувајќи:

„Некомплетни сме, но очекувам во понеделник да се комплетира репрезентацијата. Имаме време да се подготвиме, затоа што и мечот е преместен за во четврток. Овие два дена ќе ги искористиме со домашните играчи и со нив ќе имаме повеќе време да работиме“.

Како што е познато Лазаров на почетокот од селекторскиот ангажман ќе биде и играч…

„Ако искрено зборувам тогаш би бил пресреќен ако не играм, па да градиме тим на младите. Но, со оглед на нашите краткорочни цели мора да се проценува кога да бидам, а кога не на терен. Подготвен сум на се. Подготвен сум затоа што и изминатите десет години секогаш бев еден вид десна рака на селекторите. Посакувам и верувам да го реализираме зацртаното“ – истакна Лазаров.

Се вчитува...