Ракометарите на КЛ7 во крајно неизвесен натпревар синоќа извојуваа значајна победа од 31-33 против Прилеп на стартот од новата сезона.
Сето тоа на задоволство на тренерот на КЛ7, Игор Котевски кој вели дека младите ракометари покажале карактер на победници.
„Одличен натпревар се одигра синоќа во Прилеп, голема борба во вистинска смисла на зборот и победа на нашите млади играчи, триумф важен за подигање на самодовербата која и тоа како ќе ни треба во понатамошниот дел од првенството. Во натпревар со големи амплитуди во однос на резултатот, каде што во еден дел водевме три разлика а за 7-8 минути губевме со исто толку разлика нашите играчи покажаа карактер. Карактер на победници, и во суштина тоа е нешто што или го имаш или го немаш. Најважно е што децата сакаат да учат, сакаат да бидат подобри од претходниот ден и со текот на времето ќе бидат уште поквалитетни. Клубот стои цврсто на земја и ќе продолжи со работа, да докажеме дека местото ни е во суперлигата. Вчера во Прилеп победи спортот, ракометот,овие деца се иднината на македонскиот ракомет и во двете екипи има голем потенцијал за националниот тим. Голема благодарност до домаќинот од кој имавме прекрасен прием и кој можам да кажам дека го водат вистински луѓе, и секако големо благодарам за подршката на нашите спонзори и условите кои им ги овозможуваат на овие млади македонски играчи“ – вели Котевски.
Задоволство од победата има и кај голманот Андреј Петковски.
„Исклучително тежок натпревар, неизвесен од почеток до крај. Нашиот план беше да наметнеме ритам кој без разлика на резултатот ќе го форсираме и на крај мислам дека тоа беше клучно за тоа кој ќе го добие овој натпревар. Прилеп влезе како фаворит на овој натпревар, но ние сите до еден верувавме дека можеме да се носиме со поискуниот противник и да се вратиме непоразени. За среќа од Прилеп се враќаме со три бода кои не треба да значат многу од бодовен аспект ако не продолжиме во ист ритам. Ова е добар старт, но сигурен сум дека најдоброто допрва следува“ – вели Петковски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА