„Репрезентативниот дрес треба да се заслужи и почитува… А, не да се користи за менаџерски игри и лични интереси на поединци“

Селекторот на младата репрезентација на Македонија, Боби Милевски на денешниот брифинг со медиумите во очекување на новите годишни предизвици на националниот тим, повторно се осврна на темата за односот на поедини фудбалери со македонско потекло кои претходно го одбиле македонскиот дрес.

Швеѓанецот со македонско потекло, Ердал Ракип, неодамна посака да игра за Македонија на Европското првенство ова лето, иако самиот најпрво во 2014/15 година, а потоа и во 2016 година, по интензивни разговори со тогашниот спортски директор на младата селекција, Саша Ќириќ и актуелниот селектор на младата репрезентација, Благоја Милевски, не прифати да игра за Македонија.

„За Ракип и претходно истакнавме дека неколку пати буквално го молевме да се приклучи на македонската репрезентација, но одби. Не сакам да се мешам во работата на лица кои сега единствено сакаат да си прават маркетинг од репрезентациите, но и тоа како мора да биде јасно дека националните селекции не треба да служат за менаџерска промоција“ – истакна Милевски, притоа дополнувајќи:

„Репрезентативниот дрес треба да се заслужи, чувствува и почитува… А, не да се користи за менаџерски игри и промоции согласно лични интереси на поединци“.

Тим-менаџерот на младата репрезентација Зоран Зафиров дополни дека во ФФМ и тоа како опстојува системот за следење на сите фудбалери во Европа и светот со македонско потекло.

„Секогаш ФФМ и сите од младата репрезентација се борат да добиеме се што е фудбалски квалитет со македонско потекло од надвор. Но, Македонија и репрезентативниот дрес не смеат да бидат место за калкулантско подигрување и на самите фудбалери и на поединци околу нив“ – вели Зафиров.

 

Се вчитува...