Трката за Суперлига продолжува – ТФТ со значајна победа против МЗТ 2

Новалијата ТФТ го продолжи својот сон за пласман во Суперлигата откако им се врати на победите со триумф над МЗТ Скопје 2 од 76-65 во заостанатиот натпревар од осмото коло. Избраниците на Смилковски не одиграа на претпознатливото ниво на денешниот меч, но успеаја да стигнат до значајната, деветта победа во сезоната.

Двата тима се мачеа да го најдат напаѓачкото темпо на самиот старт на натпреварот. ТФТ започна подобро, со два погодоци за три поени, но и „артилеријата“ на домаќините не функционираше во претпознатливото светло. По неколкуте „постови“, домаќините и гостите заиграа подобри при крајот на првата четвртина која заврши со скромен учиник од 16-8. Добриот моментум избраниците на Смилковски и Даскаловски успеаја да го пренесат до крајот на првото полувреме, а во подобрата реализација, новалијата успеа дополнително да ја зголеми предноста на полувремето (37-26).

Второто полувреме не донесе драстични промени на паркетот. Преку добрата одбрана, ТФТ постојано ја одржуваше предноста, а отпорот на „сино-белите“ го скрши преку Хортон, Митревски и Смит на крајот на третата четвртина кога поведе со 60-46. До крајот на средбата акцентот беше ставен на одбраната, ТФТ која успеа да одолее на нападот на МЗТ Скопје 2, и преку контролата на скокот и да ја осигура победата.

Андреј Митревски беше првото име кај ТФТ со 16 поени, додека Амир Смит додаде дабл-дабл учинок од 11 поени и 19 скока. Со по 13 поени, Леонид Тодоровски и Лејтон Зеќири го предводеа МЗТ 2, на кои центарот додаде и 9 скока, додека крилото натпреварот го заврши со три скока помалку.

 

Се вчитува...