Федерер по поразот во Доха повторно се повлече од турнирите

Еден од најдобрите тенисери во светот, Роџер Федерер поради операција на коленото паузираше година дена од тенисот, но се врати на теренот на АТП турнирот во Доха каде не се прослави.

Швајцарецот беше поразен во четвртфиналето од 42. тенисер на АТП листата, Грузиецот Николоз Басилашвили со 6-3, 1-6 и 5-7, дуел по кој Федерер најави ново повлекување од турнирите.

„Беше прекрасно да се вратам на Тур, уживав во секоја минута помината на теренот во Доха. Голема благодарност до мојата екипа која ми помогна да дојдам до овде. Сепак, одлучив дека е најдобро да се вратам на тренинзите и затоа нема да играм во Дубаи следната недела. Поразот во Доха веќе го преболив, можеби и прелесно, како никогаш порано. Почнав од нула и среќен сум поради тоа што успеав да играм два меча во три сета со врвни играчи. Тоа е многу значаен чекор за мене. Сеуште не сум на 100 проценти, можевте тоа да го видите, а јас да го осетам. Целта ми е да бидам максимално подготвен до почетокот на сезоната на трева, тогаш за мене започнува сезоната. Можеби и пред тоа ќе бидам подобар, но тоа за мене би било само бонус“ – изјави Федерер.

Се вчитува...