Муамед Сејдини, единствениот кандидат за нов претседател на Фудбалската федерација на Македонија, во своето обраќање пред делегатите на Собранието на ФФМ истакна дека е горд на своите изминати две години нагласувајќи дека секогаш и секаде ќе работи единствено за доброто на фудбалот.
„Минуваме низ ова тешко време, свесни дека здравствена криза и ширењето на пандемијата на Ковид-19 предизвика нешто што никогаш не е видено во историјата на фудбалот и спортот воопшто. Нашиот пристап не е нималку едноставен, но е максимално одговорен. Ви благодарам што заеднички се обидуваме да ги надминеме овие предизвици. Јас, Управниот одбор и Фудбалската федерација на Македонија секогаш ќе го цениме вашиот придонес. На секое минато Собрание на Фудбалската федерација на Македонија велевме „Нашата федерација е заслужна за подобрување на условите во македонскиот фудбал, но кога е во прашање резултатот на националниот тим ситуацијата е комплексна бидејќи сите очи се вперени кон федерацијата. Тогаш резултатите не ни беа во прилог и најлесно беше прстот да се впери кон федерацијата. Во минатото паѓавме за да можеме да научиме да се избориме. Сега сме на Европско првенство, федерацијата и репрезентацијата ги живеат најсветлите моменти во својата историја, но и овој успех се сведува на она што значи успехот во нечии очи. За мене и за Управниот одбор на Федерацијата, а верувам и за сите вас, тоа се моменти на гордост и слава. Македонскиот фудбал после две децении конечно не сплоти и израдува. За неколку месеци за прв пат во нашата историја македонската A репрезентација ќе настапи на Европско првенство и навистина сме среќни што ќе бидеме меѓу најдобрите во Европа“ – истакна Сејдини притоа дополнувајќи:
„Велат, за да успеете потребни ви се пријатели. А, за да успеете уште повеќе ви се потребни непријатели. Јас им благодарам на сите кои ни даваа поддршка за успешно работење во изминатите две години. Нека ми простат тие што мислат дека за мојот двегодишен мандат не направивме доволно. За мене е важно бидејќи не препознаваат по делата, а не по зборовите. Тоа е важно за фудбалските работници, клубовите и фудбалери во Охрид, Чаир, Кавадарци, Џепчиште, Прилеп, Битола, Штип и Струмица. Таму ги насочивме нашите најголеми инвестиции во инфраструктурата и горди сме на сработеното. По добро, Фудбалската федерација на Македонија ја препознаваат и во Куманово, Гази Баба, Велес, Речица, Лопатица, Житоше, Коњаре, Кичево. Оваа федерација секогаш ќе помага таму каде што луѓето искрено, со разум и со срце сакаат да ни бидат поддршка во подобрување на фудбалската инфраструктура. Немајте сомнеж дека како никогаш досега сме подготвени и финансиски и на било кој друг начин да помагаме уште повеќе во проекти кои имаат за цел да го развиваат фудбалот во Македонија“.
Сејдини, во однос на темата која изминатиов период ја разбранува фудбалска Македонија, истакна дека промени на Статутот на ФФМ ќе има секако, со посредство на ФИФА и УЕФА, но без политичко влијание.
„Некои луѓе и институции кои немаат допирна точка со нашата работа се обидоа да фрлат дамка на работењето на федерацијата прогласувајќи не за „сива зона“ која работи надвор од Законот. Нашата „Куќа на фудбалот“ секогаш ги почитува пропишаните Закони на државата, својот Статут усогласен со Законот и Статутите на УЕФА и ФИФА. Тоа е наша обврска и нема да биде поинаку. Секогаш сме отворени за добри идеи и конструктивни предлози, но без политичко влијание. Ако нешто потврдивме во изминатиот период тоа е дека не бегаме од разговор и предлози околу нашиот Статут и неговото евентуално менување. Заедно со УЕФА и ФИФА и со државното тело за спорт подготвени сме да седнеме и да разговараме. Но, без било какви уцени и притисоци кои можат да значат „црна зона“ за нашиот клупски и репрезентативен фудбал. Сега сме среќни што постигнавме најдобри резултати во историјата на македонскиот фудбал. Тој е нашиот правец и во иднина. Проектите и резултатите ги споделуваме сега заедно, а многу од нив ни остануваат и за историјата…“ – рече Муамед Сејдини.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА