ПСЖ претрпе неочекуван пораз на домашен терен од Нант со два примени гола во второто полувреме (1-2), а во фокусот на внимането се најде разговорот што тренерот Покетино го имаше со директорот Леонардо додека траеше мечот. Покетино ја напушти клупата и дојде до подтрибинскиот простор, каде беше дочекан од Леонардо, за по триесетина секунди да се врати и да реши да го повлече од игра Анхел ди Марија.
Проблемот воопшто не е мешање во работата на тренерот, туку дознавањето на информацијата за вооружен грабеж во семејната куќа на Ди Марија додека траел натпреварот. Поради ова Покетино се упати со Ди Марија до соблекувалната, а откако му ја објаснил ситуацијата тренерот се врати на клупата, а Аргентинецот веднаш го напуштил стадионот и заминал кон куќата, каде за среќа неговите најблиски не биле повредени во инцидентот.
„Не бараме алиби за поразот бидејќи очигледно ни недостигаше енергија и креативност. Сепак, во второто полувреме се случија работи што немаа никаква врска со фудбалот, а што влијаеја врз целокупното наше издание“, кратко прокоментира Покетино по мечот.
Нешто подоцна беше објавено дека за време на истиот натпревар бил ограбен и домот на капитенот Маркињос, и тоа додека неговите родители се наоѓале во куќата, но за среќа без повредени и во овој инцидент.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

