„Шок терапијата“ со смена на тренерското место вроди плод во составот на МЗТ Скопје кој им се врати на победите откако славеше над Гостивар со 93-76 во 18. коло. Избраниците на Радуловиќ наметнаа висок ритам од самиот старт на мечот, преку агресивната одбрана на бековската линија на Гостивар го нарушија нападот на гостите, а преку високата реализација во поголемиот дел од натпревар во ниеден момент не ја загрозија победата.
Овој натпревар од клупата го проследи Феми Олуџоби кој беше прекубројниот странец во редовите на МЗТ Скопје, а неговата улога на паркетот ја замени Иван Карачиќ кој одигра тимски и одгововори фантастично.
МЗТ Скопје покажа доминација на самото отварање на натпреварот. Избраниците на Радуловиќ „распалија“ со шут од далечина, одиграа агресивно во одбраната па стигнаа до предност од 14-2 по нецели три минути игра. Високиот ритам на домаќините опадна до крајот на првата четвртина, притоа Гостивар најде пробив во рекетот на МЗТ Скопје, но и покрај тоа аеродромци ја задржаа двоцифрената предност (29-18). Високиот ритам кој го наметнаа домаќините продолжи и до полувремето, а МЗТ Скопје повторно одигра одлично во одбраната. Гостите не ги служеше шутот, Гостивар промашуваше и зицери под обрачот, а сето тоа го искорситија „штрковите“ кои до полувремето ја зголемија предноста на +17 (49-32).

Фантастичниот ритам на избраниците на Радуловиќ продолжи и на отварањето на второто полувреме. Прерасположениот МЗТ Скопје не ја намали агресивноста во одбраната, а тоа носеше лесни поени на спротивната страна, па „сино-белите“ од минута во минута го зголемуваа водството кое во еден момент изнесуваше и +27. Гостивар не се предаде, кај гостите проработе и шутот за три поени, но истото беше доволно само да се намали предноста на аеродромци на 23 поени (77-54) по 30. минути игра. Добриот моментум од крајот на третата четвртина, гостиварци ја пренесоа и на почетокот на последните десет минути во кои преку серија шест тројки, гостите дојдоа на едноцифрена негатива (79-71). Тајм-аутот на Радуловиќ вроди плод па „металците“ го вратија фокусот, ја зацврстија одбраната и одговорија со своја серија на тројки со која и целосно ги решија дилемите за победник.
Хасани Гравет беше првото име кај домаќинтие со 22 поени, 6 скока и 4 асистенции, додека него го следеше Дамјан Стојановски со 15 поени и 5 асистенции. Андрија Бојиќ додаде 12 поени и 4 скока, додека како двоцифрен мечот го заврши и Иван Карачиќ кој додаде 10 поени и и 4 скока. Ивица Димчевски беше најрасположен кај гостите со 19 поени и 6 скока, Џоџо Вокер додаде 16 поени, а една асистенција го делеше од дабл-дабл учинок. Како двоцифрени со по 11 поени натпреварот го завршија и Тодоровиќ и Фрајдеј, на кои интернационалецот од БиХ додаде и 12 скока.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

