Академија ФМП го „преплива“ Вардар за трет триумф во низа

Победата над МЗТ Скопје пред две кола им даде елан на избраниците на Александар Петровиќ кои ја вратија формата од отварањето на сезоната. „Академиците“ не знаат за пораз во последните три средби, а последниот триумф доаѓа на натпреварот против Вардар кои кошаркарите во бело го добија со 78-63, со што ја продолжија трката за место кое води во Суперлигата.

Избраниците на Петровиќ наметнаа висок ритам од самото отварање на средбата. Бековската линија на „академиците“ функционираше перфектно па домаќините забележаа 28 поени за 10. минути игра. За разлика од нив, Вардар се обиде да ја искористи предноста во висини, но центрите на Академија ФМП одговорија со одлична одбрана па сосема заслужено забележаа предност од +12 (28-16) во првата четвртина. Домаќините не успеаја да ја пренесат добрата игра и во продолжението од првото полувреме, но тоа не го искористија ниту гостите кои заиграа подобро на нападот, но преголемиот број на промашени зицери не им дозволи да ја намалат разликата на едноцифрена до полувремето (46-33).

Отварањето на второто полувреме не донесе многу промени на паркетот. Академија ФМП продолжи да го полни кошот на „црвено-црните“ во третата четвртина и стигна до предност од 58-42 во 25. минута, но високиот ритам не продолжи за избраниците на Петровиќ. „Црвено-црните“ одговорија со подобра игра до крајот на четвртината, но само минимално ја намалија негативата од полувремето (61-49). Последните десет минути беа само рутина во кои Академија ФМП постојано ја одржуваа предноста, ги користеа грешките на Вардар и стигнаа до убедлива победа.

Стефан Крстајиќ беше лидерот на домаќините со 28 поени и 6 скока, додека него го слдеше Рони Харис со 12 поени и 8 асистенции. Џуниус Провел беше прво име кај гостите со 15 поени, Дино Радиош додаде 13 поени и 6 скока, додека Виктор Ташовски натпреварот го заврши со 10 поени.

Се вчитува...