Црвена Звезда понижена во Подгорица

Будуќност се искачи на првото место во АБА-лигата по триумфот на денешното дерби против Црвена Звезда со убедливи 83-63. „Црвено-белите“ допатуваа во Подгорица со надеж дека ќе успеат да го земат скалпот на незгодниот ривал, но наместо тоа беа понижени од црногорскиот гигант, кој 40 минути доминираше на теренот.

Црногорците од самиот старт наметнаа темпо што избраниците на Радоњиќ не успеаја да го следат. Уште на половина од првата четвртина Будуќност стигна до првата двоцифрена предност (16-5), а „црвено-белите“ се држеа само додека Добриќ погодуваше од далечина. Штом беше запрен овој адут на Црвена Звезда, домашните кошаркари продолжија со доминацијата, за веќе по третата четвртина да го решат прашањето на победникот (67-46) и рутински да ја одржат предноста до самиот крај.

Еџим доминираше во рекетот и со 18 поени беше најефикасен кај Будуќност, Ивановиќ постигна 14, додека Волден со 17 и Добриќ со 15 поени беа први стрелци на Црвена Звезда при денешното катастрофално издание.

Се вчитува...