По тешка 40. минутна борба, Работнички стигна до четвтата победа во АБА2 лигата откако славеше над Хелиос со 66-67. Драматичниот натпревар траеше се до последниот напад на средбата кој му припадна на Хелиос, но десеткуваниот состав од центарот на Скопје кој на овој „балон“ има огромни проблеми со ротацијата, на денешниот меч го имаше Љубомир Младеновски кој го одигра еден од своите најдобри натпревари, а беше најзаслужен за победа на „црвено-белите“.
Двата тима се мачеа во реализацијата на почетокот на средбата, а во неефикасната прва четвртина подобро се снајде Хелиос кој благодарение на подобриот шут за три поени поведе со 14-12. До крајот на полувремето македонскиот и словенскиот претставник заиграа далеку подобро во нападот, а во поголемиот дел од второто полувреме Хелиос ја одржуваше стекнатата предноста. Сепак, зонската одбрана на Работнички го поремети ритамот на составот од Домжале, а на спротивната страна преку соработката на Младновски и Бундовиќ во рекетот, како и тројките на Питс и Мулалиќ, „црвено-белите“ на полувремето заминаа со предност од 31-38.
Отварањето на второто полувреме не донесе промени на паркетот. Избраниците на Мираковски на крилјата на расположениот Младеновски ја одржуваа тешко стекнатата предност, но Хелиос подобро изгледаше на теренот, а со намалување на негативата на еден посед по 30 минути игра (49-52), словенскиот состав најави неизвесен меч. Преку фантастичниот потег на Махковиќ и тројката на Оман, тимот од Домажале го превзема водството на отварањето на последните 10 минути, но Работнички брзо ги консолидираше своите редови. Добрата одбрана на „црвено-белите“ ја врати предноста на центарци, но избраниците на Мираковски не успеаја да направат значајна разлика. Следеше игра „кош за кош“ која траеше до самиот крај на мечот, а Работнички славеше на крилјата на Младеновски кој ги постигна последните четири поени, а одигра и клучна одбрана над Махковиќ во последниот напад на средбата.
Филип Бундовиќ беше првото име во составот на Работнички со 21 поен и 6 скока, додека дабл-дабл учинок од 20 поени и 14 скока додаде Љубомир Малденовски. Како двоцифрен со 12 поени натпреварот го заврши и Мулалиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА