ЕКИПА во Букурешт, Романија
Владимир Булатовиќ
Македонската репрезентација и во петтиот официјален меѓусебен натпревар го доживеа петтиот пораз од Романија. И како и претходно во Крајова пред 16 години со тесен пораз во последните минути од средбата.
Избраниците на Игор Ангеловски за само 60 секунди во 82. и во 83. минута успеаја да се извлечат од бездната по 2-0 на Романците од 50. минута, но дозволија погодок во 86. минута за пораз од 3-2.
„Честитки за победата на Романија. За еден тренер е жално кога неговиот тим ќе создаде многу шанси за погодок, но на крајот и покрај таа доминација нема да освоите бод. Но, гостувавме против селекција од вториот шешир и ете покажавме дека можеме да се носиме со поквалитетни репрезентации. Затоа не смееме тука да застанаме и мора рамноправно да продолжиме во битката за водечките позиции во групата во овој квалификациски циклус. На овој натпревар ако нешто очекувавме тоа беше да се подобри реализацијата, но за жал ете затаивме на тој план. Не паметам против една селекција од ваков ранг кога сме создале толку шанси, и мислам дека токму нереализацијата беше клучна што не дојдовме барем до бод“ – истакна Ангеловски на прес-конференцијата по дуелот со Романија, притоа дополнувајќи:
„И на пресот пред натпреварот кажав дека доаѓаме во една пријателска земја. Им благодарам на сите за гостопримството, од хотелот па се до сите лица на овој прекрасен стадион. Имавме едно добро искуство во Романија, и се надевам дека Романците ќе ни дадат поддршка на престојното Европско првенство тука во јуни“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА