Пролет и Охрид ќе се сретнат денеска (16.30 часот) во третото коло од ракометниот плејоф, дуел на два директни ривали во битката за излез во ракометна Европа. Пролет стартуваше одлично и веќе забележа две победи на стартот, додека охриѓани имаа тешки две кола против Бутел и Вардар на кои претрпеа порази.
Во таборот на домаќините се свесни дека пред нив е исклучително тешка задача, особено ако се знае дека Охрид ги доби двата меѓусебни дуели во првиот дел од сезоната. Сепак, Пролет е дополнително засилен за плејофот, што го зголемува и оптимизмот дека овој скопски суперлигаш ќе успее да стигне и до третата победа во низа.
„Одлично го стартувавме клучниот дел од сезоната, двете победи на стартот уште повеќе ја зголемија самодовербата кај нас, а атмосферата во тимот е на највисоко ниво. Секој меч е како финале за нас, а Охрид ни е директен ривал во таа борба за излез во ракометна Европа. Знаеме дека ќе биде тешко, но очекувам да одговориме на предизвикот и да стигнеме до триумф. Секогаш кога играме со Охрид, тоа се средби со мал број на голови, жестока одбрана и дуели на двете страни од теренот. Тоа ќе биде случај и овојпат, а двата порази од претходниот дел од сезоната ќе ни бидат само мотив да одиграме уште повеќе и да славиме над директниот ривал“, истакнува Иван Џонов од таборот на Пролет.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА