„Ван Дајк сам ќе одлучи дали ќе игра на ЕВРО 2020“

Фудбалерот на Ливерпул и холандски репрезентативец, Виргил ван Дајк, се уште се опоравува од повредата што ја заработи во октомври минатата година. Неговиот соиграч од репрезентацијата, Матијс де Лихт, откри дека Виргил добро се опоравува и тој сам ќе донесе одлука дали ќе настапи за репрезентацијата на Холандија на престојното Европско фудбалско првенство.

Виргил ван Дајк се здоби со сериозна повреда на коленото на дербито во Премиерлигата против градскиот ривал Евертон, по интервенцијата на голманот Џордан Пикфорд. Тој мораше да биде опериран и последните неколку месеци ги помина на рехабилитација во Дубаи, пред неодамна да се врати во Ливерпул.

Останува да се види дали одличниот 29-годишен дефанзивец ќе биде подготвен да игра пред крајот на сезоната и дали евентуално би можел да учествува на „Евро 2020“.

Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп постојано повикува на претпазливост, додека репрезентацијата на Холандија верува дека на Ван Дајк му преостануваат околу два месеци до целосно закрепнување. Тренерот Франк Де Бур вели дека засега не смета на одличниот фудбалер, но сигурно ќе ја следи неговата состојба.

Во исто време, неговиот помлад соиграч од националниот тим, Матијас де Лихт, вели дека Виргил ван Дајк изгледа добро и дека тој сам ќе одлучи дали ќе игра на „Евро 2020“.

„Имавме состанок вчера, Ван Дајк исто така беше таму. Изгледаше многу добро, изгледаше свежо и опуштено. Секако, не знам како се чувствува физички, ниту пак тој сака да изврши притисок врз самиот себе. Тој е мирен, гледа од ден на ден и сака сам да види каде ќе биде во моментот кога ќе започне Европското првенство. Најважно е целосно да се опорави од повредата без никаков притисок од никого. Има време, тој ќе одлучи дали ќе биде на „Евро 2020“. Ако е таму, супер, ако го нема, другите момци ќе мора да го покријат. Но, тој изгледаше навистина добро вчера“, рече Матијас де Лихт.

 

Се вчитува...