Капитенот и нов македонски селектор, Кире Лазаров имаше одлично деби на клупата на националниот тим со триумфот против светскиот шампион Данска во квалификациите за ЕП 2022.
Во интервју за „Ал Џезеира Балкан“, Лазаров се осврна на новата улога нагласувајќи дека би му било многу потешко доколку бил само селектор во овој период додека се уште е активен играч.
„Трумфот против светскиот и олимписки шампион Данска е навистина за одбележување. Како тренер, мило ми е што тимот почитуваше се што договоривме. Бевме фокусирани и што е најважно скромни на теренот и надвор од него, во текот на тие седум или осум дена работа заедно. Свесен сум и дека Данска можеби ја потцени нашата селекција, со оглед на тоа како изгледавме во Египет на Светското првенство, но не им беше сеедно да губат осум гола разлика во 45. минута“ – вели Лазаров, притоа дополнувајќи:
„Ми беше доделена улогата на создавање на нова генерација на играчи. Имаме краткорочни и долгорочни цели. Ја разбирам еуфоријата во земјата што се создаде по победата во Скопје, но како тренер морам да размислувам одговорно, и треба да бидеме трпеливи во создавањето на новата квалитетна генерација“.
Лазаров уште еднаш открива дека за него е многу полесно кога е на теренот, како селектор и играч, отколку кога е само селектор.
„Во овој момент ми е многу полесно да бидам селектор и играч. Јас сум побезбеден кога сум на паркетот и кога можам да распоредувам играчи и да донесувам одлуки на теренот. Младите играчи треба да ги користат постарите. Им давам задачи и досега работиме многу професионално и квалитетно. На секој натпревар мора да размислуваме само за тоа како да се победи и ништо друго, ниту имињата на противниците ниту било што друго. Секако ќе има порази, но ќе ги цениме и поддржуваме сите играчите кои даваат 100% и кои се победници“ – вели Лазаров.
Македонската селекција во квалификациите за ЕП 2022 ја очекуваат уште дуелите со Финска на 29. април и Швајцарија на 2. мај.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА