РЕАЛИЗИРАНО: „Петарда“ против Лихтенштајн, за планирани три бода (ВИДЕО)

Македонската репрезентација со убедливо издание во второто полувреме дојде и до убедлива победа од 5-0 против Лихтенштајн во второто коло од квалификациите за СП 2022, за планирани три бода пред гостувањето против Германија во Дуизбург на 31. март.

Во неубедлив прв дел Македонија дојде до предност од 1-0 по првите 45 минути против Лихтенштајн само благодарение на киксот на гостинскиот голман Бухел кој дозволи погодок на Енис Барди од слободен удар од 30 метри во 7. минута.

 

Во 12. минута уште еден слободен удар на Барди, овој пат од 18 метри, но гредата од противничкиот гол спречи дуплирана предност. И тоа беше главно се од македонските репрезентативци во првото полувреме, кои потоа се до 37. минута не упатија ниту еден удар во рамките од голот на гостите, без посериозна шанса. Освен двете можности по прекин, во 37. минута капитенот Горан Пандев од одлична позиција од околу 12 метри шутираше само во противничкиот голман.

Но, во второто полувреме беше реализирана токму играта која личи. Се што немаше во првото полувреме низ првите 20 минути од вториот дел.

Во само три минути, два гола на Александар Трајковски во 51. и во 54. минута за убедлива предност веќе од 3-0. Најпрво по акцијата на Елмас и Барди од левата страна, Трајковски од самата линија погоди во празната мрежа на противниците, а потоа погоди и во 54. минута за 3-0 со одличен шут од 16 метри.

И, веќе во 62. минута и Елиф Елмас се запиша во листата на стрелците за водство од 4-0…

До крајот, само рутинско одржување на предноста откако и во игра влегоа Бејтулаи, Несторовски и Николов во 58. минута, на местата на Стефан Ристовски, Пандев и Барди. А, во 65. минута во игра и Ферхан Хасани и Стефан Ашковски на местата на Александар Трајковски и Езгијан Алиоски.

Во 82. минута и Илија Несторовски се запиша во листата на стрелците, постигнувајќи гол од пенал, откако претходно во гостинскиот шеснаесетник Мартин Марксер го собори Николов.

Македонија во третото коло од групата во квалификациите за СП 2022, на 31. март во Дуисбург гостува на Германија.

Се вчитува...