Екипата на Петронас Јамаха имаше ужасен почеток на сезоната бидејќи Валентино Роси и Франко Морбидели завршија на 12-тата, односно 18-тата позиција, на неделната трка. Тоа е прилично разочарување за „Докторот“, кој беше четврти во квалификациите и секако очекуваше подобар пласман во борбата за бодови.
Првата трка во новиот тим за искусниот Роси не помина како што се надеваше. Надежите беа на високо ниво поради одличните квалификации. Валентино имаше најголеми проблеми на трката во Катар поради задната гума.
„Секако очекувавме повеќе, особено по квалификациите, но имав многу проблеми на трката затоа што по неколку круга гумите почнаа да создаваат проблеми. Тоа се случи во петокот, пробавме нешто, но не го решивме проблемот. Од некоја причина, премногу ја притискавме задната гума и се чини како да го губи стисокот, па после неколку круга не бев доволно брз. Изгубив многу позиции“, изјави Валентино Роси по трката.
Валентино рече дека веќе разговарал со тимот на Петронас Јамаха за овие проблеми, па се надева дека вакво нешто повеќе нема да се случува.
„Имавме долг состанок, реков како се чувствувам и сега ќе се обидеме да напредуваме и да го решиме проблемот и да бидеме посилни следната недела. Честитки за победата на Маверик бидејќи возеше неверојатно. Тој беше со мене на почетокот на трката. Позитивно е што Јамаха победи, пробаа малку поинакви поставувања во споредба со нас и се чини дека се справија подобро затоа што и Квартараро беше одличен“, заклучи Валентино.
Следната трка во Мото ГП шампионатот е претстојната недела, кога мотоциклистите повторно ќе возат во Лосаил за Големата награда на Доха.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА