КФСМ со предлог: Директен плејоф и испаѓање на две екипи – клубовите со гласање ќе решаваат

Челниците на КФСМ денеска и официјално го дале својот предлог до прволигашите околу начинот на кој може да биде финиширана сезоната во кошаркарскиот шампионат, по хаосот што се случи со термините и бројните одложувања на натпреварите на АБА-лигашите МЗТ Скопје и Работнички. Предлогот во текот на денешниот ден ќе биде доставен до клубовите, кои со гласање ќе решат дали истиот ќе биде прифатен.

Како што веќе најави ЕКИПА, планот се состои во укинување на Супер-лигата, со што кошарката станува единствен спорт што го менува системот на натпреварување среде натпреварувачка сезонава. Воедно, бројот на тимови што ќе се борат за титулата се зголемува од шест на осум, но и им се овозможува на клубовите со најголеми буџети со двомесечни договори со поскапи кошаркари повторно да се издвојат како главни фаворити за титулата. Против овој предлог очекувано е лидерот Пелистер, тим што во досегашниот дел од сезоната играше најимпресивна кошарка и заслужено се наоѓа на првото место. Битолчани се еден од неколкуте клубови кои ќе гласаат против ваквиот предлог на федерацијата, но се чини дека „куќата на кошарката“ однапред има обезбедено мнозинство за оваа иницијатива да пројде според желбите на Антиќ и неговите најблиски соработници.

Иако постоеја најави дека нема да има испаѓање, во предлогот на федерацијата до клубовите се наведува дека во Втората лига ќе се преселат само две, наместо планираните четири екипи.

Се очекува до крајот на денов и официјална потврда од „куќата на кошарката“ околу промените во системот на натпреварувањето, воедно да биде објавен и терминот на турнирот од Купот на Македонија, што ќе биде во втората половина од месец април или најдоцна до самиот почеток на месец мај.

Се вчитува...