Јувентус врти нов лист, „старата дама“ во изминатите дванаесет месеци се ослободи од Игуаин, Матуиди и Кедира, а претседателот Ањели планира трендот да го продолжи и во текот на летниот преоден рок, продавајќи дел од фудбалерите кои се меѓу најплатените во првиот тим на Јувентус.
Арон Рамзи и Адриен Рабио се наоѓаат на излезна врата од таборот на „црно-белите“ откако тренерот Пирло и клупските директори донеле заеднички заклучок дека двајцата интернационалци не го дале очекуваниот придонес. Двајцата пристигнаа во Јувентус како слободни играчи и заедно заработуваат над 20 милиони евра по сезона, сума што Ањели планира да ја заштеди со нивната продажба и носење на поевтин играч за врска (приоритет е Локатели од Сасуоло).
Покрај заштедата на платите, Јувентус планира и добро да заработи, одредувајќи вкупна цена од 50 милиони евра за двајцата фудбалери. Рамзи е проценет на 20 милиони евра, сума што со оглед на интересот на Вест Хем и Тотенхем лесно може да биде достигната.
Што се однесува до Рабио, цената што „старата дама“ ја бара за младиот Французин изнесува 30 милиони евра, а се очекува во трката по екс-играчот на ПСЖ да се вклучат Барселона, Арсенал и Баерн Минхен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА