Анадолу Ефес со импресивното второ полувреме го демолираше Реал среде Мадрид со убедливи 83-108, останувајќи во чекор со ЦСКА во трката за второто место во регуларниот дел од Евролигата. Првото полувреме од вечерашното дерби заврши со нерешени 42-42, за потоа турскиот гигант да ги демолира „кралевите“ во преостанатите 20 минути. Клучен момент беше повредата на центарот Тавареш на почетокот од третата четвртина, па отсуството на овој клучен играч остави силна трага врз играта на Реал во остатокот од мечот. Бесен поради неколкуте судиски одлуки, домашниот тренер Ласо ги загуби нервите и беше исклучен пред крајот на третaта четвртина.
Шанли беше најефикасен во редовите на Ефес со 17 поени, 16 реализираше Ларкин, а 15 Симон, додека прв стрелец на натпреварот беше домашниот кошаркар Треј Томпкинс со 19 поени.
Руското дерби меѓу Зенит и ЦСКА заврши со триумф на гостите од Москва со резултат 74-86. Мечот беше исклучително значаен за домашниот тим во трката за осмото место, но кошаркарите на ЦСКА не покажаа милост кон рускиот ривал, доминирајќи од почеток до крај. И без помошта на суспендираниот Мајк Џејмс тимот на Итудис одигра импресивно против незгодниот противник, а најефикасни во победничкиот тим беа Фоигтман со 21 и Шенгелија со 14 поени.
Олимпија Милано премногу лесно и убедливо славеше на гостувањето против Црвена Звезда со 72-93. Италијанскиот првак го отвори мечот со водство од 0-10 и потоа го контролираше резултатот до самиот крај, не дозволувајќи им на „црвено-белите“ ниту еднаш да се доближат на резултатски план. Кевин Пантер, кој лани настапуваше за Црвена Звезда, вечерва постигна 23 поени против поранешниот клуб, додека Џордан Лојд беше најефикасен кај АБА-шампионот со 22 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА