КК Пелистер обвинува: Федерацијата „купува“ гласови со „игрите за опстанок“

Екипата на Пелистер го крена гласот против иницијативата на раководството на КФСМ за укинување на Супер-лигата и директно продолжение на сезоната со плејоф, во кој наместо предвидените шест ќе учествуваат осум екипи. Битолчани со право се револтирани, овој тим имаше најмногу победи во досегашниот дел од сезоната и ќе имаше предност во однос на ривалите во Супер-лигата, а сега според планот на федерацијата „пелистерци“ би ја загубиле и предноста на домашниот терен бидејќи е предвидено сите средби од плејофот да се играат во „балони“.

Раководството на Пелистер ги обвинува предводниците на мак-баскетот дека со намалувањето на бројот на екипи што ќе испаднат од елитата се купуваат гласови за да се поддржи предлогот на КФСМ.

Соопштението на КК Пелистер го пренесуваме во целост:

Почитувани,

Предлогот што господата од Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) го испратија денеска до клубовите за начинот на кој би завршила сезонава само делумно ја пренесува дебатата на денешниот состанок со Здружението на прволигашите, пред сѐ во делот на испаѓањето од Првата лига.

Мора да ја информираме јавноста дека во ниту еден момент на денешниот состанок не стана збор во едната варијанта да испаѓаат четири, а во втората две екипи, кога веќе подолго време постои заеднички цензус на крајот од сезоната само два тима да се преселат во понизок ранг и тоа со играње според системот усвоен пред почетокот на сезоната. Но, истовремено мора да нагласиме и дека ни е јасна играта на луѓето од Куќата на кошарката, кои со бројката на тимови што испаѓаат сакаат да ги „купат“ потребните гласови за
предлогот што самите го протежираат, а тоа е укинување на Суперлигата и плејоф со осум екипи.

Максимално нечесно е среде сезона да се менуваат правилата на игра и да се дава идентична шанса на тие што вложувале и максимално се труделе од самиот почеток на сезоната па сѐ до денеска и на тие што не го правеле тоа, па сега сакаат во „матно“ да дојдат до шанса да бидат дел од елитата што ќе се бори за титулата. Веруваме дека тоа не е ниту спортски, ниту етички, бидејќи се омаловажува трудот на кошаркарите, но и на управите на клубвите, кои имаат обезбедено пласман во Суперлигата или имаат квалитет и желба да го сторат тоа во блиска иднина, регуларно на теренот.

Затоа бараме да се вметне и трет предлог за кој би можеле да гласаат клубовите, а кој би бил своевиден компромис. Тоа е ако веќе нема време да се доигра Суперлигата, тогаш плејофот да биде со шест екипи, колку што требаше да играат во суперлигашкиот дел, а не со осум како што во моментов предлага КФМ. Нормално, со испаѓање на две екипи со цел на задржување на квалитетот кој е несомнено висок оваа година во елитата.

Со понуда на ваков предлог, Куќата на кошарката ќе се амнестира од обвинувањата дека сето ова го прави за да им помогне на одредени тимови да дојдат до позиција да се борат за највисок пласман, нешто што не би го направиле ако остане сегашниот систем за натпреварување. Би се играло четвртфинале со тимовите од трето до шесто место, а во полуфинале би им се приклучиле и двете првпласирани. Првиот круг би се играл на две добиени средби, а вториот и финалето на три добиени меча. Овој систем постоел и во минатото и нема да биде ништо ново, а на овој начин би се задоволил и спортскиот дел и би се овозможило првенството да заврши во разумен рок.

Затоа сметаме дека КФМ треба да го презентира и овој предлог до клубовите, а ако не го стори тоа, тогаш само ќе потврди дека сето ова го прави од интерес кој не е само спортски туку има и заднина во делот на блиските односи со одреден(и) клуб(ови).

КК Пелистер

Се вчитува...