Амстердам ќе биде еден од 12-те градови домаќини во кои летово ќе се игра Европското фудбалско првенство, на кое ќе дебитира и репрезентацијата на Македонија, а последниот меч од групната фаза на „црвено-жолтите“ против Холандија на 21 јуни ќе се игра токму на „Јохан Кројф Арената“, па домаќините најдоа начин како да пополнат барем две третини од капацитетот на стадионот.
Холанѓаните најавија дека планираат да пополнат две третини од капацитетот без оглед на актуелната пандемија со коронавирус, а медиумите од оваа земја веќе најавија дека тоа ќе биде направено преку брзи корона-тестови за гледачите пред секој меч.
„Бараме креативни и иновативни решенија, а тоа значи дека бројката на гледачи би можела да стигне и до 30 и повеќе илјади гледачи. Реални сме, но и оптимисти дека можеме ова да го направиме. Јас се надевам на две третини или три четвртини пополнет капацитет. Останува само дистанца на метар и половина“, изјави Ерик Гуде, директорот за професионален фудбал во холандската федерација (КНВБ).
Планот е пред секој меч да има брзи-тестови на корона, но и „корона-чек“ апликација за тие што имаат вакцина или ја прележале болеста, со што практично ќе се овозможи безбеден меч во сигурна зона за сите присутни но и за фудбалерите на теренот, без ризик дека некој би можел да се зарази.
До среда сите 12 градови домаќини треба да ги дадат гаранциите дека ќе дозволат најмалку 20 отсто од капацитетот за да има публика, а на 20 април треба да биде донесена конечната одлука, иако има низа градови кои моментно не може да гарантираат дека ќе има гледачи на стадионите, па во Нион ќе треба да пресечат дали можеби и ќе се скрати бројот на организатори на ова континентално првенство.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА