Охрид забележа уште една значајна победа во борбата за излез во ракометна Европа откако избраниците на Раде Стојановиќ по голема битка славеа над Металург со 27-26. Денис Тот беше стрелец на победничкиот погодок во последните секунди од мечот, крунисувајќи го камбекот откако охриѓани се вратија од „минус три“ во последните десетина минути од натпреварот. Денешниот пораз уште повеќе ја компликува ситуацијата за „металурзите“, кои имаат два порази и едно реми, а допрва требаа да се сретнат со Вардар и со Еурофарм Пелистер.
Охрид тргна фуриозно од самиот почеток, лесно го наоѓаше патот до мрежата на Дупјачанец, па Марковски веќе во 13. минута беше принуден да побара тајмаут при водство на противникот од 9-5. Следеа три гола на Металург за 9-8, но по исклучувањето на Велко Маркоски предноста на охриѓани повторно се искачи на „плус три“ (11-8). Домашните ракометари лесно го контролираа резултатот до крајот на полувремето, а Металург благодарение на двата гола на Додиќ во 30. минута на одмор замина само со три гола негатива (15-12).
Цврстата одбрана на Металург на чело со голманот Ѓорѓески овозможи скопскиот клуб да израмни на 15-15, а потоа и да има водство во голем дел од вториот дел. По двата гола на Поповиќ, домашниот тренер беше принуден да побара тајмаут при резултат 21-24. Советите на Стојановиќ ги разбудија охридските ракометари, кои заиграа подобро во одбраната и на шест минути до крајот израмнија на 25-25. Во неизвесна завршница Серафимов биеше над гредата, по што Охрид имаше напад за победа во последната минута, при 26-26. Ѓорѓески го запре првиот обид кон неговиот гол, но топката заврши во аут, Охрид доби нова шанса што Тот ја искористи за постигнување на победничкиот гол на пет секунди до крајот.
Херојот Тот со шест гола беше и најефикасен во победничкиот тим, по пет погодоци постигнаа Андоноски и Блажевски, додека кај Металург најдобри поединци на денешниот дуел беа Хорват, Додиќ и Поповиќ со по шест постигнати гола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА