Чудо во Полска: „Доктор Кире“ со Нант го елиминираше Киелце

Кире Лазаров и Нант направија вистински подвиг елиминирајќи го Киелце од Лигата на Шампионите и покрај поразот на домашен терен пред една седмица во Франција. Македонскиот капитен, кој денеска го играше рекордниот 250. меч во ЛШ, и неговите соиграчи направија вистински подвиг со триумф среде Полска со 31-34, доволен за да се избрише негативата од првата средба во Нант.

Францускиот тим доминираше од самиот почеток на средбата, во неколку ситуации имаше по три гола предност, на одмор заминувајќи со водство од 13-15. Киелце се врати во вториот дел, но потоа во завршните десет минути работите во свои раце ги зеде Лазаров. Македонскиот капитен најпрвин постигна два гола од девет метри, а потоа маестрално раководеше со нападите на Нант „седум на шест“, разигрувајќи ги соиграчите за огромна радост на крајот.

Кире Лазаров го заврши мечот со четири гола, а најефикасни во победничкиот тим беа Мин со осум и Кавалканти со шест потигнати погодоци.

Следен ривал на Нант ќе биде тимот на Веспрем, кој утре ќе треба само рутински да го одработи реваншот со Вардар по убедливата победа од 14 гола на првиот меч во Скопје.

Се вчитува...