Македонија ЃП загуби на домашен терен со 1-3 од Академија Пандев во полуфиналето од Купот на Македонија. Но, од таборот на ѓорчепетровци се револтирани од судењето на натпреварот, кое според нив пресудило околу победникот на мечот.
Реакцијата од таборот на Македонија ЃП е поради два сомнително досудени пенали за Академија Пандев, наспроти недосуден за нив при идентична ситуација.
„Со оглед на тоа што никогаш не сакаме да реагираме на судењето, размислувавме и дали да има реакција и по скандалозното судење во полуфиналето од Купот на Македонија против Академија Пандев. Но, по деталното прегледување на снимката од натпреварот и анализирањето на ситуациите едноставно немаше простор за молк“ – велат во својата реакција до нашата редакција од Македонија ЃП, притоа дополнувајќи:
„Академија Пандев изминатиов период правеше смислен притисок во јавноста и тоа за нив вроди со плод. А, вистината ете и во последниот случај е дека Македонија ЃП беше сериозно оштетена во полуфиналето од Купот. Не беше досуден чист пенал за нас во 20. минута по прекршокот над Томе Китановски. А, на спротивната страна судијата Качевски досуди дури два сомнителни пенали за противникот. Ако ние сме пристрасни, оставаме јавноста преку видео-снимки да процени колку тие пенали биле исправни. Штета што со вакво судење се уништуваат важни натпревари како полуфинале на Куп, бидејќи директно се крои крајот на сезоната, односно кој ќе игра во Европа, а кој не“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА